ПРИРОДНИ РЕСУРСИ И ЕКОНОМИЈА НА ШПАНИЈА
Рудното богатство на Шпанија е големо и е основа за развој на шпанската индустрија. Главен извор на енергија е јагленот, иако третина од електричната енергија се произведува од нуклеарните централи.
Други значајни руди се железото и обоените метали.
Благодарение на сето ова развиени се црната и обоената металургија, машинската индустрија, индустријата за моторни возила, бродоградбата и хемиската индустрија.
Земјоделството е една од најважните стопански дејности. Главни култури се маслинките и виновата лоза од кои главни извозни производи се маслиновото масло и виното. Во однос на производството на цитрус, Шпанија е на прво место во Европа.
Поради климата, земјоделството е отежнато поради недоволните врнежи, но тоа се решава со систем за наводнување, благодарение на кој се одгледуваат житарици, зеленчук и индустриски растенија.
Во однос на приходите од туризмот, Шпанија е една од водечките земји во светот. Климата и плажите, културно-историските споменици, традицијата и уметноста ги привлекуваат туристите од цел свет. Летниот туризам е развиен на островите и покрај брегот каде што разликуваме два региони – Коста дел Сол и Коста Брава.